Бизнис-план "МЕО - Мрежа на електронски отпад" на студентот Дане Тодоровски е првопласираниот во проектот "Биди перспективен, започни свој бизнис" што се реализираше од заедничката соработка меѓу Министерствата за економија и образование, неколку државни институции и универзитети, како и Агенцијата за поддршка на претприемаштвото во РМ. Тодоровски за својот проект доби 330.000 денари и ваучер за бесплатна регистрација на фирма во Централниот регистер на РМ. Тој во својата презентација посочи дека во земјава лани се собрани само 800 тони електронски отпад, иако реално има 12.000 тони. За него, ова било одличен податок што може да се искористи за почеток на добар бизнис.
Бизнис-план "МЕО - Мрежа на електронски отпад" на студентот Дане Тодоровски е првопласираниот во проектот "Биди перспективен, започни свој бизнис" што се реализираше од заедничката соработка меѓу Министерствата за економија и образование, неколку државни институции и универзитети, како и Агенцијата за поддршка на претприемаштвото во РМ.
Тодоровски за својот проект доби 330.000 денари и ваучер за бесплатна регистрација на фирма во Централниот регистер на РМ. Тој во својата презентација посочи дека во земјава лани се собрани само 800 тони електронски отпад, иако реално има 12.000 тони. За него, ова било одличен податок што може да се искористи за почеток на добар бизнис.
- Прогнозите се дека електронскиот отпад до 2020 година ќе се зголеми за три пати - кажа Тодоровски. Тој објасни дека ќе се оди до вратата на домовите од каде бесплатно ќе се зема отпадот, потоа дел од него ќе се селектира, бидејќи на тој начин може повторно да се заработи.
Министерот за економија Ваљон Сараќини смета дека за да се подигне претприемачкиот дух кај младите треба да се поттикнат студентите за отпочнување на сопствен бизнис, односно својата бизнис-идеја да ја преточат во бизнис-план. Проектот годинава се реализира за прв пат, а во иднина се планира и да се зголемат средствата за оваа намена.
- 90% од студентите во 3. и 4. студиска година планираат по завршувањето на факултетот да се вработат во јавната администрација, а само 10% од нив сакаат да отпочнат сопствен бизнис - вели Сараќини. Причина за тоа е што и покрај тоа што тие имаат многу идеи нема кој да им помогне да им се реализираат. Тој им порача на студентите дека ако сакаат да основаат свој бизнис, да не се колебаат оти секогаш е вистинско време да се креира нешто ново.
- А кога всушност ќе дојде правото време за да се реализира замисленото? Вистински момент не постои - треба сами да го создадете. Вие можеби имате во вашата глава решение за некој светски проблем, но сето тоа е залудно доколку не преземете акција - им укажа министерот Сараќини на младите претприемачи. Тој ги потсети дека за само 250 денари тие за 3 до 4 часа можат да регистрираат фирма во Централниот регистер.
На конкурсот во ресорното министерство биле доставени 106 апликации - бизнис-идеи, првиот филтер го поминаа 30 од нив, а само 4 од нив се наградени со парична награда и тоа првата награда е во износ од 330.000 денари, втората 230.000, трета 140.000 денари и четвртата е 100.000 евра.
Универзитетскиот професор, д-р Влатко Стоилков, смета дека клучот за успехот е во функционалната врска меѓу државата, универзитет и стопанство, оти само така може да има развој на економијата. Според него, треба да се работи со заедничка енергија за да се развива претприемачкиот дух.
- Само со нови бизнис-идеи и иновации ќе се има перспективна иднина. Новата мисија е поддржување на знаењата и нови идеи за да се прилагодиме на глобалниот пазар, каде промените се брзи и таму можат да се прилагодат само добро едуцирани кадри кои се способни да се прилагодат на барањата на пазарот - посочи Стоилов.
Во наградниот дел од проектот се вклучија и група автори кои ја создадоа книгата "Како до сопствен бизнис, кои се решија". Тие својата парична награда "Гоце Делчев" за 2013 година ја доделија на четвртопласираниот бизнис-план изработен од Даниел Димов.